Пример за духовното расудување на старецот Арсениј Спилеот (1886-1983)

Еден монах, кој припаѓаше на друго братство, стапи во монаштво со огромна ревност. Тој стапи во послушание кај еден навистина строг старец, кој живееше подолу од нас, подвизувајќи се мошне сурово: цела ноќ на бдение, стоење, метании, пост, послушание, чиста исповед и слични подвизи.

Но, по поминувањето на две–три години неговиот дух беше изладен, му беше дал власт на искушувачот и тивко почнал да се враќа назад. Неговиот ум се помрачи за молитвата, во времето додека се молел, тој седел, спиел, се будел, чувствувајќи во себе недостаток на сила, повторно заспивал, за на крај да дојде до таму, што воопшто не можел да го извршува своето молитвено правило. Но, тоа сè уште не беше сè. Демонот на блудот го беше нападнал, започнувајќи со него жестока војна.

Истовремено со тоа му нанесувал очајание шепотејќи му на уво, дека за таквите зли дела тој ќе пропадне во адот. Но најлошото од сè е тоа што демонот му внесе таков срам, од кој, бивајќи победен, не можеше повеќе да се исповеда. Демонот му говореше: „Беднику, ти, кој изврши толку бденија, со толку метании, кој пролеа толку солзи, и по толкуте извршени подвизи, што ќе му кажеш сега на својот старец? Ако тој чуе за твоите безобразлуци, а пред сè за блудните напади, тој сигурно ќе те прогони тебе. Не треба ли ти самиот да избегаш?“ Монахот помисли: „Но, дури сега – помислувал монахот – треба да најдам некој предлог. Што да правам?“

Но, очигледно, Бог се сожалил на него и му дал мисла: „Зошто да не отидам и јас и да му ги откријам помислите на отецот Арсениј?“

Засрамен, со наведната глава, по долги усилија, монахот дојде за да исфрли од себе сè, а пред сè – блудните напади. Тој, бидејќи беше недоволно искусен, мислеше, дека ако се исповеда, тогаш јас ќе го исмевам…. Јас, пак, знаејќи ги од личен опит замките на ѓаволот, го прегрнав и му реков:

„Браво, чедо мое. Сега сфатив, дека ти си подвижник и дека тебе те сака Христос“.

„Мене ми зборувате, старче?“

„Да, тебе, и за да ти го докажам тоа, еве, кажи ми искрено: кога пребиваше во сурови подвизи и во тебе немаше внатрешна борба, што мислеше ти самиот за себе?“

„Тогаш старче, јас бев мал светител, а сега – најлош од сите“.

„Ете тоа е. Сега ја зборуваш вистината. Сите наши подвизи и напори треба како свој завршеток да имаат во себе смиреномудрие. Никогаш ти не си бил светител, но тебе те покривала Божјата благодат, а ти си мислел дека тоа е твоја лична заслуга. Затоа благодатта тебе те оставила, за да сфатиш кој си ти всушност. Но со исповедувањето повторно на тебе ќе дојде благодатта. Затоа отсега па натаму, немој да се срамиш да се исповедаш кај својот старец и чувај ја во себе следнава помисла: „Јас сум ништо. Секое добро кое е во мене – е од Бога, по молитвите на мојот старец. Ако Он ме остави, јас веднаш ќе паднам“.

Оттогаш монахот се исповедал кај својот старец и досега се подвизува со голема ревност.

Благодарение на тие примери можеме да заклучиме, дека старецот Арсениј, како овенчување на своите подвизи, самиот ја достигнал мерката на смиреномудрие и преку Светиот Дух бил научен на тоа од самите зборови, кои Христос му ги кажал на неговиот современик, рускиот подвижник Силуан: „Држи го својот ум во адот и не очајувај“.

Превод од руски јазик:

Дејан Апостоловски, апсолвент на Теологија

Изворник:

Пример духовного рассуждения старца Арсения

Православна светлина 23

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.

Up ↑