Детето се воспитува со срце

Интервју со отец Георгиј Романенко

Отец Георгиј Романенко е свештеник во црквата во село Борисово, во Московскиот регион. Тој е исто така познат детски психијатар. Се видовме со него, за да разговараме за проблемите во детскиот менталитет.

  • Отче, вие сте свештеник подолго време, но и покрај тоа водите психијатриска терапија. Дали имате многу пациенти?

Да, ги имам многу, но не ги лечам. Јас само им давам совети, а потоа ги упатувам понатаму: некои кај лекари, некои во болница, а некои да посетат психијатар.

  • Дали менталните болести ги има сѐ повеќе кај децата денеска?

Ако ги земеме предвид граничните услови, тогаш многу луѓе може да се сметаат како болни. Процентот на луѓе со сериозни болести, на пример, шизофренијата, не варира, но бројот на неврози расте секоја година. До пубертетот, односно адолесценцијата, 90% од децата имаат ментални проблеми, или во поблаг или во потежок облик.

  • А што ги предизвикува нив?

Прво, тоа е наследно и е поврзано со здравствената состојба на родителите – а нашиот генски влог беше неодреден. Второ, тоа има врска и со воспитувањето на децата. И трето, опкружувањето како што е навредливата и некултурна ТВ култура, сите оние застрашувачки цртани филмови со бесмислени телетабиси и така натаму… Тоа ја влошува состојбата на оние кои не се здрави.

  • Кои болести се најчести и најсериозни?

Не може да се класифицираат како сериозни или лесни, секоја од нив е сериозна. Едно дете има стравови, друго има навика на грчеви, а трето има емоционални нарушувања. Автомобилот се расипал, и сосема е сеедно дали тој не може да тргне поради дефект на моторот или поради дупнатите гуми, секако не можете да го користите. За време на пубертетот, болестите се влошуваат, а личноста е веќе зрела да создаде нова нездрава генерација.

  • Ужасна слика. Дали тоа значи дека ситуацијата секоја година се влошува? Ментално нездравите луѓе не можат да им дадат живот на здравите деца?

Тие можат да бидат родени физички здрави, но прагот на нивната иритација е намален, потешко им е да се спротистават на раздразливото опкружување и нивните дефекти се случуваат побрзо.

  • Според статистиката, најголем број на деца се болни, но родителите најчесто може да бидат несвесни за тоа, бидејќи, имајќи го предвид тоа што ни го кажавте, болеста често може да добие скриена форма. Како некој би можел да ни ги каже знаците на ненормалност, на нарушување, на што би требало да внимаваат родителите?

Треба да обрнеме внимание на стравовите, хиперактивноста, недостатокот на размислување, посебната раздразливост, беспотребната загриженост, детскиот садизам, чудното однесување (на пример, детето страстно е приврзано за една играчка или постојано го црта истиот цртеж). На пример: детето мачело некое куче или мачка, а потоа одлучило да се одмазди на пријателите кои го навредувале. Земал стап и на него забодел клинци, па се обидело да им ги истера очите. Како да постапиме? Дали ќе се однесуваме како тоа да било една детска шега и сето тоа да го заборавиме? Или ќе бидеме вознемирени и ќе се обидеме да најдеме начин, како да спречиме таков вид на инциденти во иднина?

Треба да обрнете внимание доколку детето постојано лошо се однесува. Можеби имате проблем да воспоставите контакт со вашето дете, или можеби тоа има зголемен интракранијален (внатрешен, черепен) притисок, како резултат на тешко породување. Ако чувствувате дека има проблем во комуникацијата меѓу вас и вашето дете, за почеток обратете се кај психолог, а доколку тој предложи – психијатар или детски психоневролог. Би добиле медицински рецепти доколку се потребни, како и препораки за најдобар режим на вашето дете.

  • Што можеме да направиме за да ги спречиме менталните нарушувања кај децата?

Единствениот начин е да се воспита детето на вистински начин.

  • Ако тинејџерот стане каприциозен, агресивен, се однесува лошо, стане преосетлив и ако контактот со него е нарушен, но сите на родителите им кажуваат дека е сѐ во ред, дека тоа не би требало да го земаат при срце, сите сме биле исти на таа возраст… Дали може да се верува на таков совет?

Не, ние не сме биле такви. Менталната состојба на луѓето од секоја нова генерација се влошува, вклучувајќи ги, се разбира и тинејџерите. Свети Јован Златоуст знаел да каже дека е тоа најтешко време, бидејќи никој не може со сигурност да знае во каква личност ќе се претвори тоа дете. Само Бог знае. Треба да запомните дека во таа состојба не треба да ги нервирате децата, но не треба ниту да правите сѐ што тие ќе побараат од вас.

Постои златно правило, децата да се воспитуваат строго, но со љубов. Целосната контрола е неприфатлива, детето е слободна личност, сакана од Бога. Родителите треба да научат да бидат смирени, трпеливи, да ги поднесуваат тешкотиите во контактот со помош на љубовта, но ако однесувањето на детето надминува граници, тогаш е потребна казна и тоа сериозна.

  • Мислењата се поделени по прашањето за казнувањето на децата, некои сугерираат дека детето не треба никогаш да се тепа.

Треба, дури и мора да го казните вашето дете, за тоа да не се навикне да биде лошо. Ако неговото однесување е многу лошо, ако плука, ако ги пцуе таткото и мајката, ако не е внимателно со иконите, потребно е да му објасните дека таквото однесување е недозволиво и дека ако продолжи така да се однесува ќе биде казнето.

Треба детето да го казнувате вака: да му ја ставите главата меѓу вашите колена, потоа да земете каиш и да го удрите многу силно по задникот. Удрете силно, но само неколку пати, брзо. Зошто ако го удирате полека, ако само се преправате дека го удирате, ќе стане мазохист. Треба тоа да го направите брзо и јако, од срце. Нека вришти, нека плаче, но немојте да разговарате со него, а покасно, кога ќе се смири, објаснете му на детето дека сте морале да го направите тоа затоа што го сакате. Немојте никогаш да велите: „Ох, извини, едноставно се случи!“. Ако детето не сака да се промени никако, однесете го на психијатар. Понекогаш децата не можат воопшто да се контролираат себеси, затоа што веќе се болни.

  • Што би требало да избегнуваме при воспитувањето на децата?

Не одете во крајности. На пример, еднаш шетав по улица и бев вчудовиден од женско викање. Помислив дека некој е убиен или дека нешто трча кон неа. Се покажа дека тоа била една млада мајка, која „разговара“ со својот двегодишен син, којшто шлапкал во барата. Сирото дете, чија мајка го троши целото свое време викајќи: немој, немој, немој!

Детето не им припаѓа на родителите, туку му припаѓа на Бога. Тоа е посебна и единствена личност. И треба да се однесувате со детето и да го воспитувате како единствена личност, во духот на љубовта и слободата. Дарот на слобода, според светите отци, е повисок дури и од дарот на љубовта. Воспитувајќи го детето, треба повеќе од било каде да се сеќаваме дека пред нас имаме образ и Божјо подобие. На тоа треба да се сетиме и при казнувањето, и при охрабрувањето на детето.

Да ги воспитаме нашите деца во љубов, трпение, смирение и благост, а не со навреди, понижување, провоцирање и искушување.

  • Значи, претераната контрола е штетна за децата?

Сѐ што е претерано е штетно, морате да ги знаете границите. Важно е да не ги злоупотребувате децата, за детето да не стане наркомански зависник, но не треба да му дозволите да манипулира со вас. Како да најдете златна средина? Како да сфатите кога треба да го казните вашето дете, а кога е подобро да се воздржите? Драги браќа и сестри, единствениот компас, единствениот светилник што го имате е вашата љубов кон детето. Ќе го воспитувате така, како што го сакате. Вашето љубовно срце ќе ви каже кога треба да го казните, а кога да му простите. Многу луѓе читаат различни книги, кои најчесто им даваат контрадикторни совети. Не можете да го воспитувате детето така. Детето се воспитува со вашето срце, без разлика колку педагошки книги сте прочитале, на колку корисни предавања сте биле, ако вие навистина не го сакате вашето дете, не можете да го воспитате правилно.

На родителите им треба посебно трпение кога нивните деца стануваат тинејџери. Обидете се да не ги обвинувате и да не ги контролирате вашите деца без некоја важна причина. Треба да избегнувате да ги притискате премногу. 90% од прераните бракови и напуштањето на домот, обично се последица на неисправна родителска контрола, ова е особено точно кога се во прашање мајките. Децата кои се под притисок кога се тинејџери, растат неправилно, не чувствуваат слобода, се претвораат во исплашено животно.

Немојте да велите: „Не сакам никогаш повеќе да се видиш со таа девојка!“, кажете тивко: „Би сакал да не го правиш тоа, но ако инсистираш да ја видиш, добро, направи го тоа во тајност, но тоа би ме повредило… Ќе се молам за тебе“. Молете се на Бога за вашите деца, молете се во црква, носете ги со вас на поклонички патувања. Пробајте да станете пријател со вашите деца.

Среќни сме што припаѓаме на Руската Православна Црква, Го имаме Господ, Апсолутот, Вистината, полесно е децата да се воспитуваат правилно. На детето може да му дадете пристојно воспитување само во семејство на верници, или барем луѓе кои трагаат по верата. Зашто ни психолозите, ни докторите, ни педагозите, со сето нивно искуство, не можат да го воспитаат детето во духот на добротата, љубовта, чесноста и сочувството. Повеќе вредности можат да бидат всадени само во Црквата.

  • Отче, познавам неколку семејства, каде што децата имаат потполна слобода. Немаат никакви обврски кон домот, на девојчињата кои одат на училиште, дозволено им е да излегуваат доцна, да го планираат денот, да купуваат сами…

Дали би сакале вашиот син да се ожени со таква девојка, која има потреба од партнер со кој може да јаде, да пие и да се забавува? Што е со обврските?

  • Но тие учат, покрај тоа се и добри студенти…

Да се биде добар студент е далеку од сѐ. Еднаш работев како болничар, и можам да ви раскажам приказна од моето искуство. Бевме повикани во едно семејство каде што главата на семејството, еден стар човек туку што починал. Бевме дочекани од неговиот син и од неговата ќерка, двајцата со високо образование, а и воопшто се гледаше дека тоа е добро образована фамилија. Тие ни рекоа да го однесеме телото.

Им кажавме дека брзата помош не ги одведува мртвите луѓе и дека би требало самите да го припремат телото на нивниот татко за погребот. „Не ни е потребен овде, не ни е пријатно“. – „Како тоа мислите, не е пријатно, па тој е вашиот татко?“

Потоа нѐ прашаа, дали имало некои посебни случаи каде што брзата помош го изнесува телото. Наивно им одговоривме дека должност ни е да го собереме мртвото тело, ако телото е најдено на јавно место или во фабрика. Потоа го однесоа татко им на скалите (каде што се скалите на сите станови) и ни рекоа: „Сега е на јавно место, сега морате да го однесете“. Ете тоа ви е „разголеното“ образование.

Да му дозволите сѐ на вашето дете е голема грешка, грев, бидејќи добродетелите како наклонетоста и љубезноста не растат во личноста којашто тера по свое. Погледнете ги децата во школите, како се нарекуваат едни со други со погрдни зборови, како можат да бидат агресивни, колку сурово може да се тепаат едни со други. Повисоки искуства, мисли и чувства мораат да бидат всадени во децата. Во што може да прерасне едно дете на кое му е дозволено сѐ?

Може да прерасне како љубител на слободата, но без Бог во својата душа.  Треба да се борите со лошите желби од самиот почеток. Детето мора да знае што значи „не“, дека постои нешто што може да му биде забрането. Нема штета за него, ако праша уште еднаш „смеам ли?“.

  • Кој е најдобриот начин родителот да го воспитува своето дете?

Во нецелосно семејство детето се развива нецелосно. Жената не може сама исправно да го воспитува детето, особено ако е машко. Таа не може да воспитува маж, затоа што е жена. Исто така, тешко е и ќерката да се воспита без татко. Како ќе ѝ дадете идеја за семејството, за улогата на жената, за добрите односи на семејството?

Драги жени, чувајте ги вашите семејства, вашиот маж – татко на вашите деца. Многу често некои од нив раскинуваат поради безвредна расправија, работи кои можат да се средат. Помирете се со вашиот партнер поради вашите деца и Бог ќе ве награди. Ако мажот ве напуштил, основал друго семејство и не сака да има ништо заедничко со вас, треба да побарате друг маж. Ако не можете да најдете маж, поминете повеќе време со бабите и дедовците на вашите деца. Би требало тоа да го направите така што да има некое присуство на маж во домот, тоа не е измислено од страна на психолози или психијатри, тоа е Божја волја.

  • Кој е најдобриот метод да одгледаме добри, здрави деца, вакви какви што се?

Прво и основно, мора да има мир во семејството. А единствениот начин да има мир во семејството, е некој во семејството да поседува смиреност. Второ, покажете му ја на вашето дете вашата вера во Бога. Однесете го во црква, читајте добри книги со него. Трето, и родителите и децата треба да бидат отворени едни со други, така што децата не би посакале да ги лажат нивните родители, или да ги наговараат. Ова можете да го постигнете само со сопствен пример.

Немојте да му велите на вашето дете, дека не можете да му купите фармерки, затоа што немате пари, а потоа да ги потрошите на нешто друго. Треба чесно да му кажете дека парите коишто ги поседувате, мораат да бидат потрошени на нешто побитно и поради таа причина моментално не можете да си ги дозволите. Многу е битно да не се лаже во семејството.

  • Дали бројот на деца во семејството е важен за менталното здравје на детето?

Нормално, едно или две деца растат како потрошувачи. Децата прераснуваат во добри луѓе, ако ги има многу во семејството. Сѐ се дели, сѐ е наше, ние сме семејство. Секој од нас работи и учи да се грижи за другите. Исто така, ако имате многу деца, имате повеќе шанси да ја поминете староста со едно од нив.

Ако имате само едно дете, мали се шансите да ја дочекате староста, опкружени со љубов и грижа. И општо, жените се спасуваат со воспитување на деца.

И морате да запомните уште една битна работа: Бог ги обезбедува децата. Ниедно семејство со многу деца не гладува, секако ако не се алкохоличари. Бог не би ги напуштил децата. Така што, не плашете се, имајте повеќе деца!

Еднаш ми се јави на телефон една жена која ја познавам, и ми кажа дека е бремена и дека чека трето дете, а нејзиниот сопруг сака да го абортираат детето. Мајка ѝ била против бебето поради недостаток на пари. Ѝ реков да го роди детето и да го дарува на нашата парохија, ние ќе го одгледуваме.

Фала Му на Бога, роди ќерка која ја нарече Машенка (Марија). Сопругот беше возач. Штом неговиот шеф дознал дека неговиот работник ќе добие трето дете, го унапредил во свој личен шофер, платата му се зголемила и сега се во многу подобра состојба. Имаат кола и викендичка, сето тоа благодарение на Машенка, за која мислеа дека ќе ги остави гладни.

Превод: Андријан Ѓорѓиев, студент на Теологија

Православна светлина бр. 60

Напишете коментар

Create a free website or blog at WordPress.com.

Up ↑